Венецуелскиот претседател Николас Мадуро од американски притвор испратил порака до своите поддржувачи, порачувајќи дека е во добра состојба и дека не се предава, пренесуваат медиуми блиски до владејачката структура во Каракас.
Пораката, според неговиот син Николас Мадуро Гера, била пренесена директно од ќелијата во Соединетите Американски Држави, каде што Мадуро и неговата сопруга, првата дама Силија Флорес, се наоѓаат по апсењето.
„Се справуваме добро. Ние сме борци“, наводно рекол Мадуро, додавајќи дека нема простор за малодушност и дека неговите адвокати не треба да тагуваат поради ситуацијата во која се наоѓа.
Мадуро беше приведен за време на американска воена операција во Каракас на 3 јануари, по што беше префрлен во САД. Во понеделникот, тој и Флорес за првпат се појавија пред федерален суд во Менхетен, каде што се изјаснија за невини по сериозните обвиненија за нарко-тероризам и меѓународна трговија со кокаин.
Пораката од притворот била прочитана на состанок на владејачката Обединета социјалистичка партија на Венецуела, каде што присутните ја дочекале со аплауз и пораки на поддршка.
Случајот со Мадуро предизвика силни реакции во Венецуела и пошироко, а неговите поддржувачи тврдат дека станува збор за политички прогон, додека американските власти најавуваат продолжување на судската постапка.
















