Полската влада најави дека подготвува значајни промени во односот кон украинските бегалци, најавувајќи постепено укинување на вонредната финансиска помош воведена по почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година.
Според владиниот портпарол Адам Шлапка, околностите денес се значително поинакви отколку на почетокот на конфликтот. Тој истакна дека ситуацијата е стабилизирана и дека дошло време државата да премине од итни, привремени мерки кон подолгорочни и одржливи решенија.
Во новиот предлог-закон, кој треба да се најде пред полскиот парламент, јасно се наведува дека помошта за Украинците била замислена како краткорочна интервенција во услови на криза. Со измените се предвидува укинување на посебните права поврзани со социјална помош, државно домување и бесплатна здравствена заштита. Сепак, нивниот легален престој, како и документите за идентификација, ќе останат непроменети.
Најавата веднаш предизвика реакции, особено од деловната заедница. Организациите кои ги застапуваат полските претприемачи предупредуваат дека ваквиот чекор може сериозно да го наруши пазарот на трудот. Според нив, токму вонредните мерки овозможиле легално вработување на околу 1,24 милиони Украинци.
Дополнително, статистиките покажуваат дека украинските државјани моментално сочинуваат дури 66 отсто од целокупната странска работна сила во Полска. Критичарите стравуваат дека наглото укинување на бенефициите може да доведе до недостиг од работници и економски турбуленции.
Дебатата во Парламентот се очекува да биде жестока

















