Додека Доналд Трамп повторно се заканува со воведување царини за европски земји, Берлин подготвува тивок, но потенцијално многу болен одговор – удар врз американските технолошки компании. Иако германската влада официјално повикува на смиреност, зад кулисите сè погласно се зборува за дигитален данок како контрамерка.
Од кабинетот на канцеларот Фридрих Мерц порачуваат дека Германија нема да реагира импулсивно. Владините претставници нагласуваат дека секој чекор мора да биде внимателно одмерен и усогласен со Европската Унија. Сепак, притисокот во рамки на владејачката коалиција расте, особено по најавите од Вашингтон за нови трговски бариери кон осум држави, меѓу кои и Германија.
Вицеканцеларот Ларс Клингбеил јасно стави до знаење дека Берлин веќе ги разгледува сите расположливи алатки, вклучувајќи ги и механизмите за трговска одбрана на ЕУ. Во игра е и т.н. Инструмент против принуда – силна, но досега неискористена мерка што може да погоди токму услуги и дигитални платформи.
Конзервативни пратеници од ЦДУ/ЦСУ одат чекор подалеку и отворено бараат воведување дигитален данок за американските технолошки корпорации, па дури и ограничувања за увоз на одредени производи од САД.
Иако официјалната позиција останува претпазлива, јасно е дека Германија повеќе не сака да седи со скрстени раце. Доколку царините станат реалност, дигиталниот сектор би можел да биде следната мета.

















