Драматичен напад на Тајмс Сквер во Њујорк завршил со смрт на една жена и тешко повреден маж, додека напаѓачката била смртоносно застрелана од полицијата откако, според објавените информации, претходно неколку обиди со електрошокер не успеале да ја запрат.
Меѓу жртвите била и 32-годишната Ерин Пјаченти, извршен директор во „Банк оф Америка“, која починала од повредите. Втората жртва, 68-годишен маж, бил избоден во стомакот.
Според „Њујорк пост“, 49-годишната Памела Сиснерос по нападот држела два ножа и не ги почитувала полициските наредби да ги спушти.
Полицајците се обиделе да ја совладаат со тејзери, но тие, според експертското објаснување, не успеале да предизвикаат целосна невромускулна имобилизација.
Пензионираниот детектив Артур Садовски објаснил дека тејзерот е ефикасен само ако двете сонди направат соодветен контакт со телото и создадат електрично коло. Во конкретниот случај, постојаното движење на жената, растојанието, облеката и фактот што една од сондите наводно ја погодила нејзината чанта можеле значително да го намалат ефектот.
Според него, и дебелината на ткивото меѓу сондата и мускулот може да влијае врз ефикасноста, но тоа е само еден од повеќе можни фактори.
На снимките од инцидентот се гледа како жената продолжува да се движи кон полицајците со ножевите во раце. Откако обидите со електрошокер не ја запреле, полицијата отворила оган и таа била смртоносно погодена.
Точните околности околу полициската употреба на сила и целиот тек на инцидентот се предмет на понатамошна истрага.








