ПРВ.мк
Свет

Одмор од соништата се претвори во трагедија: Почина и 10-годишната Ема, откако претходно починаа нејзините родители

Одмор од соништата се претвори во трагедија: Почина и 10-годишната Ема, откако претходно починаа нејзините родители

Семејниот одмор на семејството Јамник од Словенија заврши со незамислива трагедија. По смртта на родителите Петра Јамник Коболт и Изидор, на тешките повреди им подлегнала и нивната 10-годишна ќерка Ема.

Семејството од словенечкиот град Котље престојувало на одмор во Калабрија, Италија. На 25 август, околу 20:30 часот, додека биле во туристички апартман во Милето и се подготвувале за вечера, одекнала силна експлозија, по која избувнал пожар.

Според првичните информации што ги пренесуваат словенечките медиуми, се претпоставува дека до експлозијата дошло поради истекување на гас, но конечната причина треба да ја утврди истрагата.

Сите тројца членови на семејството се здобиле со тешки изгореници. Двајца карабињери кои престојувале во истата зграда веднаш притрчале на помош и помогнале семејството да биде извлечено од запалениот апартман.

Потоа со хеликоптери биле транспортирани во специјализирани болници.

Изидор починал од повредите на 27 август во Палермо. Неговата сопруга Петра, која имала изгореници од втор и трет степен на околу 90 проценти од телото, починала неколку дена подоцна.

За животот на 10-годишната Ема лекарите се бореле во болница во Бари, но и таа им подлегнала на тешките повреди.

Истрагата за трагедијата продолжува. Зградата во која се случила експлозијата била запечатена, а надлежното обвинителство отворило истрага за да се утврдат точните околности и причината за експлозијата.