ПРВ.мк
Македонија

Кавадарци погодено од силно невреме: Општината ги крена сите служби на терен, се санираат последиците

Кавадарци погодено од силно невреме: Општината ги крена сите служби на терен, се санираат последиците

Силно невреме проследено со обилни врнежи и силен ветер попладнево го зафати Кавадарци и повеќе населени места на територијата на општината.

Според информациите од Општина Кавадарци, нема повредени лица, а не се регистрирани ниту материјални штети на инфраструктурните објекти. Од Општината посочуваат дека добрата атмосферска канализација и претходно санираната инфраструктура придонеле за справување со големото количество вода.

Сепак, невремето предизвикало проблеми на повеќе локации. Регистрирани се паднати дрвја и гранки, околу десет поплавени подруми, како и дефекти на електричната и телекомуникациската инфраструктура.

Паднати дрвја има и на регионалните патни правци Кавадарци–Дреново и Кавадарци–Неготино.

Екипите на ЈП „Комуналец“ веднаш биле мобилизирани. На терен се 12 работници од хигиена и зеленило и 15 работници од секторот Водовод и канализација, со два трактора, две камиончиња и еден скип.

Се расчистуваат наносите, решетките на атмосферската канализација и јавните површини, а паралелно се работи и на отстранување на останатите последици од невремето.

На терен се и екипите на ТППЕ Кавадарци и Општина Кавадарци, додека електродистрибутивните и телекомуникациските оператори работат на отстранување на дефектите.

Полициската станица Кавадарци ги обезбедува локациите каде што постои ризик или движењето е отежнато.

Надлежните служби остануваат на терен до целосно расчистување и нормализирање на состојбата. Граѓаните можат да пријават проблем или да побараат информација преку Општинскиот кол-центар на бројот 13 300.