Русија и Украина постигнаа договор за локален прекин на огнот со цел да се овозможи хуманитарна операција во градот Олешки, кој се наоѓа под руска контрола во јужниот дел на Украина.
Договорот треба да овозможи доставување храна, лекови и друга неопходна помош, како и евакуација на цивили од градот, кој се соочува со сериозен недостиг од основни средства за живот.
Меланија Трамп имала важна улога
Украинскиот парламентарен комесар за човекови права, Дмитро Лубинец, потврди дека украинската страна ги почитува преземените обврски.
Тој откри дека договорот бил постигнат во координација со Меланија Трамп, сопругата на американскиот претседател Доналд Трамп, и во соработка со руската комесарка за човекови права, Јана Лантратова.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека од четири часот наутро по московско време го прекинало гранатирањето во правец на Херсон, со цел подготовка на хуманитарната операција.
Нападите продолжуваат во други делови од Украина
И покрај локалното примирје, борбите не се прекинати на другите фронтови.
Во новите напади врз Киев биле погодени Јужниот мост и инфраструктурата на метрото, поради што бил прекинат дел од јавниот превоз.
Во руски ракетен напад врз украинската престолнина во понеделникот вечерта загинало најмалку едно лице, а 15 биле повредени.
Во меѓувреме, Белата куќа продолжува со дипломатските напори за постигнување поширок мировен договор.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави дека претставници на Украина, Русија и САД се договориле во првата половина на ноември да одржат технички преговори во Абу Даби.
Договореното примирје се однесува само на конкретната хуманитарна операција и не претставува општ прекин на војната.








