Министерот за здравство Сашо Клековски учествуваше на 76-тата седница на Регионалниот комитет на Светската здравствена организација за Европа во Копенхаген, каде што пред министрите за здравство од регионот ги претстави клучните приоритети на македонскиот здравствен систем.
Клековски посочи дека Македонија се соочува со предизвици кои се заеднички за голем дел од Европа – стареење на населението, раст на незаразните заболувања и недостиг, односно заминување на здравствени работници.
Според него, одговорот на овие предизвици бара континуирани инвестиции, добро поставени здравствени политики и засилена меѓународна соработка.
Меѓу главните приоритети на Министерството за здравство Клековски ги посочи дигитализацијата на здравствениот систем, посилната примарна здравствена заштита и превенцијата, како и навременото откривање на заболувањата, вклучително и малигните болести.
Во фокусот се и поголемата примена на забраната за пушење, мерките поврзани со засладените пијалоци, подобрувањето на пристапот до лекови и дополнителната заштита на пациентите.
Клековски нагласи дека целта е создавање поповрзан, потранспарентен и поефикасен здравствен систем, со поголем акцент на превенцијата и навремената здравствена грижа.
Министерот упати благодарност до Светската здравствена организација и до тимот на СЗО во Скопје за досегашната поддршка и соработка.












