ПРВ.мк
Македонија

ГОЛЕМА ПРОМЕНА ЗА ПЛАТИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА: Наместо месечна плата, ќе се плаќа по сработен час?!

ГОЛЕМА ПРОМЕНА ЗА ПЛАТИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА: Наместо месечна плата, ќе се плаќа по сработен час?!

Во Македонија се отвора можност за промена на начинот на пресметување на платите, со воведување систем на исплата според бројот на сработени часови, наместо досегашниот модел на месечна плата.

Иницијативата ја разгледуваат синдикалните организации и работодавачите, кои сметаат дека ваквата промена би можела да влијае врз продуктивноста, работните услови и економскиот развој.

Од Конфедерацијата на слободни синдикати посочуваат дека веќе неколку месеци се прават анализи и дека се водени неофицијални разговори со институциите и работодавачите.

Според претседателот Благоја Ралповски, новиот модел би овозможил работниците точно да знаат колку вреди нивниот работен час, а би можел да придонесе и за намалување на сивата економија.

ССМ бара достоинствена часовнина

Од Сојузот на синдикати на Македонија предупредуваат дека промената не смее да биде на штета на работниците.

Според нивните пресметки, еден работен час пресметан според сегашната минимална плата би изнесувал околу 155 денари.

„Да почнеме со 250 денари наместо сегашните 150 денари“, порача потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски.

Тој предупреди дека мора да се спречи можноста работниците да останат со исклучително ниски месечни примања доколку работодавачите им обезбедат помалку работни часови.

Работодавачите бараат детална анализа

Од Организацијата на работодавачи оценуваат дека воведувањето часовнина не е едноставен процес, бидејќи ќе бара промени во организацијата на работата, пресметката на платите и законската регулатива.

И Министерството за економија изразило подготвеност за разговори.

Засега станува збор за иницијатива што се разгледува, а не за донесена одлука. Дали и кога Македонија би преминала на нов модел на пресметка на платите ќе зависи од понатамошните анализи и договорите меѓу институциите, синдикатите и работодавачите.