Познатиот американски историчар Тимоти Снајдер, поранешен професор на Универзитетот Јеил и актуелен професор по модерна европска историја на Универзитетот во Торонто, ја анализираше победата на Студентската листа над власта на Александар Вучиќ во Србија.
Снајдер оцени дека студентското движење претставува важен пример за демократска борба од кој можат да учат и другите земји.
Тој потсети дека во јули минатата година ја посетил Србија за лично да ги разбере протестите.
„Младите со месеци ризикуваа, надевајќи се дека ќе создадат иднина во која ќе можат нормално да живеат во сопствената земја. Сите на кои им е важна иднината на демократијата треба да знаат што направија и да учат од нивниот пример“, порача Снајдер.
Девет лекции од студентските протести
Американскиот историчар издвои девет клучни фактори што, според него, придонеле за успехот на движењето:
- Иницијатива од младите – протестите започнале од самите студенти.
- Борба за владеење на правото – главната цел била воспоставување одговорна власт.
- Конкретна трагедија – уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 16 лица, било повод за протестите.
- Студентска координација – активностите од Нови Сад се прошириле низ целата земја.
- Вклучување на јавноста – студентите организирале акции за да привлечат поширока поддршка.
- Различни форми на протест – од собири и бојкоти до велосипедски маршеви и интернет-кампањи.
- Јасни барања – институциите добиле конкретни барања што можеле да ги исполнат.
- Политичко учество – студентите постигнале согласност да се вклучат во изборниот процес.
- Поддршка од универзитетите – професорите и образовните институции во голема мера застанале зад студентите.
Според Снајдер, искуството од Србија покажува колкава улога можат да одиграат организираните млади луѓе во борбата за институционална одговорност и демократски промени.








