Инцидент во Клиничката болница во Тетово завршил со тројца повредени, откако 24-годишен жител на тетовското село Палатица, според полициските информации, агресивно реагирал кога му било побарано да изврши уплата за медицинска услуга.
Случајот се случил на 1 септември околу 19:50 часот.
Според пријавеното во СВР Тетово, Џ.М. (24) го скршил стаклото на приемниот шалтер. Притоа повреди добиле самиот 24-годишник и двајца вработени во болницата.
На местото интервенирале полициски службеници, но според МВР, младиот човек продолжил со агресивното однесување и физички нападнал еден од полицајците.
Поради сериозноста на повредите, Џ.М. бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде што му била укажана медицинска помош.
Полицијата извршила увид на местото, а од МВР најавуваат дека по целосното документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.








