ПРВ.мк
Свет

По барањата за суспензија од Шенген, Санчез испрати силна порака до Европа

По барањата за суспензија од Шенген, Санчез испрати силна порака до Европа

Шпанскиот премиер Педро Санчез реагираше на повиците од дел од европските лидери за можно привремено суспендирање на Шпанија од шенгенскиот простор поради мигрантската криза во Сеута.

Во објава на социјалните мрежи, Санчез порача дека солидарноста и емпатијата се прашање на избор, но дека почитувањето на европските договори е обврска за сите земји-членки.

Тој се повика на најновите податоци на Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс), според кои повеќе нерегуларни мигранти влегле во Европската Унија преку Италија, земјите од Западен Балкан и Грција отколку преку Шпанија.

Според шпанскиот премиер, актуелната мигрантска криза не треба да биде причина за поделби меѓу европските држави, туку поттик за заеднички одговор.

„Ова не е време за поделби. Ова е време да продолжиме да градиме силна и обединета Европска Унија“, порача Санчез.

Неговата реакција следува откако неколку европски лидери, предводени од Италија, побараа да се разгледа можноста за привремено суспендирање на Шпанија од шенгенската соработка поради масовниот прилив на мигранти во шпанската енклава Сеута.