Надзорните камери во Бугарија снимија двајца пиромани кои сега се обвинети за тероризам и се соочуваат со казна затвор до 15 години, јавуваат бугарските медиуми. Едниот од нив е поврзан со пожар што избувнал во градот Велико Трново, додека другиот е осомничен за запалување на неколку пожари во регионот на Сливен. Обвинителството на Софија води истрага за овие случаи.
Еден од осомничените, кој е поврзан со пожарот во Велико Трново, веќе има претходни пресуди за насилничко однесување и поседување дрога. Надзорните камери ги забележале двајцата како пешачат по улиците, при што едниот упорно се обидува да запали сува трева, што на крајот и успева.
Пожарот брзо се проширил и опфатил населби како Бузлуџа и Чолаковичи. Мажот на возраст од 33 години признал дека ја предизвикал катастрофата и изјавил дека бил пијан на роденденска забава и дека не бил свесен што прави.
Двајцата пиромани се обвинети според член 108а од бугарскиот Кривичен законик, кој ги третира делата кои предизвикуваат страв и паника кај населението. За ваквите дела може да следува казна затвор од пет до 15 години.
Во моментов, во Бугарија се активни повеќе од 260 пожари, што е зголемување во споредба со претходниот ден кога биле пријавени околу 230 пожари. За среќа, нема смртни случаи досега, но една жена поради откажување да го напушти својот дом за време на евакуацијата добила здравствени тегоби од вдишување чад и е хоспитализирана во стабилна состојба.
Вршителот на должноста генерален секретар на Министерството за внатрешни работи, Мирослав Рашков, на брифинг во регионот на Благоевград истакна дека ситуацијата е сериозна поради високите температури и тешките временски услови. Тој нагласи дека сите државни служби се на терен и дека Бугарија го активирала Европскиот механизам за цивилна заштита.
За помош во гаснењето пристигнаа авиони од Шведска и хеликоптери од неколку земји, меѓу кои и Турција, која испрати тим во селото Лесово. На терен моментално има околу 1.600 луѓе – пожарникари, волонтери и шумари – кои работат на гаснењето на најголемиот пожар во близина на селото Илинденци.
Во акцијата учествува и хеликоптерот „Кугар“, а се очекува да пристигнат дополнителни хеликоптери од Унгарија, Словачка и Франција. Дополнително, два авиони од Шведска се распоредени во Пловдив, а преговорите со Романија за дополнителна воздушна поддршка продолжуваат.
ВИДЕО