Најмалку четворица луѓе загинаа во катастрофален пожар што рано утрово избувна во дом за лица со попреченост во западна Франција. Трагедијата се случила во објектот „Шез Гро Жан“, каде според официјалните информации, животот го загубила и сопственичката на домот, која храбро се обидувала да ги спаси штитениците од огнената стихија.
Пожарот започнал околу 4:30 часот по локално време и бил брзо локализиран од страна на 68 пожарникари со четири возила. Околу 300 квадратни метри од зградата се уништени.
Обвинителот Матие Ориол потврди дека сопственичката загинала додека се обидувала да извлече луѓе со попреченост од внатрешноста на запалената зграда. Нејзиниот сопруг, кој бил дел од персоналот, е хоспитализиран, а уште четири лица се повредени – едно од нив е во критична состојба, но надлежните уверуваат дека животот не му е загрозен.
„Постои голема веројатност дека исчезнатото лице е сè уште под урнатините“, изјави заменик-префектот Жан-Шарл Жобар, не исклучувајќи можност бројот на жртви да се зголеми.
Зградата имала дозвола за сместување до 16 лица и последна безбедносна проверка била направена пред две години. Според министерката за лица со попреченост Шарлот Парментје-Лекок, зградата била опремена со детектори за чад и друга противпожарна опрема, но пожарот избувнал во дел што не бил предмет на последната инспекција.
Обвинителството во Анжу отвори истрага за „небрежно предизвикување смрт и повреди“, додека целосната анализа на местото на настанот е во тек. Случајот потсетува на трагедијата од пред две години во Винценхајм, каде сличен пожар уби 11 лица.
Француските власти упатија сочувство до семејствата на загинатите и повикаа на трпение додека се расчистуваат сите околности поврзани со трагедијата.