Само неколку часа по силниот земјотрес што го погоди регионот Камчатка, ситуацијата дополнително се влоши – еруптираше вулканот Кључевскаја Сопка, највисокиот и еден од најактивните вулкани во Евроазија. Според Федералниот истражувачки центар на Руската академија на науките, се работи за директна последица на тектонското пореметување предизвикано од земјотресот.
Експертите објаснуваат дека поместувањето на тектонските плочи довело до ослободување на притисок во магматскиот систем под вулканот, што резултирало со нагло активирање и ерупција. Уште во раните утрински часови, жителите почувствувале неколку послаби потреси, по што започнало интензивно исфрлање пепел и гасови од вулканот.
Од вулканолошката опсерваторија велат дека моментално се следи зголемена активност на теренот, а се очекуваат и нови експлозивни фази. Целиот регион е ставен во состојба на зголемена готовност, а се активираат и евакуациски планови доколку активноста продолжи да се интензивира.
Кључевскаја Сопка се издига на над 4.800 метри надморска височина и веќе неколку години покажува знаци на повремена активност, но сегашната ерупција, во комбинација со земјотресот и можните последици од цунамито, создава сериозна загриженост меѓу научниците и властите.
Жителите и туристите се предупредени да не се приближуваат до вулканот, бидејќи постои реална опасност од нови ерупции, лава и облаци пепел што можат да предизвикаат дополнителни штети и здравствени ризици. Се апелира на максимална претпазливост и почитување на сите препораки од службите за безбедност.
На Камчатка ѝ се заканува природна криза со непредвидливи последици, во момент кога регионот веќе се справува со последиците од силниот земјотрес.