Унгарскиот премиер Виктор Орбан жестоко реагираше на барањето на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за дополнителни средства од земјите-членки на ЕУ за поддршка на Украина.
На својата објава на Фејсбук и Платформа X, Орбан го нарече барањето „астрономска сума што денес не постои“. Според него, станува збор за 135 милијарди евра во текот на две години – износ што е еквивалентен на 65% од годишниот економски производ на Унгарија, седумгодишни пензии за сите унгарски пензионери и речиси три четвртини од годишниот буџет на ЕУ.
Орбан предупреди дека Европската комисија планира да го финансира тоа преку заеднички европски заем, што според него ќе ги оптовари идните генерации. Тој додаде дека Унгарија веќе се соочува со казни од ЕУ – еден милион евра дневно – поради одбивањето да прифати мигранти.
„Ова е повеќе од невозможно. Ова е категорично апсурдно. Унгарија ќе одговори без одлагање“, порача Орбан, истакнувајќи дека неговата земја нема да го прифати „бриселскиот притисок“ во однос на војната и родовата идеологија.
















