Шеснаесетти март 2025 година. Малку по 3 часот по полноќ веселбата во дискотеката на излезот од Кочани се претвора во најцрната ноќ во поновата македонска историја. Во објект каде се собрале околу 650 лица, во простор што не бил ниту предвиден, ниту одобрен за таква дејност, музиката и адреналинот ја завршуваат вечерта со пиротехнички ефекти. Една искра била доволна – таванот за неколку минути се претвора во пламен и чад, создавајќи хаос, стампедо и паника. Во огнената стихија згаснаа 63 млади животи, а повеќе од 200 беа повредени.
Сцените по пожарот беа морничави. Родители очајно ги бараа своите деца, телефони кои не одговараа, солзи и неизвесност. Болнички дворови полни со уплашени мајки и татковци, кои патуваа од еден град во друг во обид да најдат трага од своите најмили. Секој идентификуван загинат ја продлабочуваше трагедијата, а Кочани се претвори во центар на болка, гнев и шок.
Пламенот не уништи само објект, туку уништи генерација. На 20 март Македонија се прости од загинатите, а погребите ги следеа медиумски екипи и од земјата и од странство. Тажните сцени од погребните поворки ја обиколија јавноста.
Трагедијата не заврши со пожарот. Следеа претреси, приведувања и протести. Кафе барот „Класик“, во сопственост на истиот газда, беше демолиран за време на демонстрациите. Само еден ден по пожарот, Кочани изгуби уште еден човек – Иле Гоцевски, возач на Брза помош кој цела ноќ превезувал повредени, почина од срцев удар.
Во следните месеци институциите водеа истраги, се појавуваа нови докази, се истражуваше и УЈП, а предистрагите продолжуваа. Се маршираше за правда, се бараше одговорност, а семејствата на жртвите добија ветувања дека системот нема да дозволи ова да се повтори.
Но времето поминуваше. Три месеци беа потребни за оформување на обвинителниот акт, а речиси уште четири за негово оценување. Секој медиумски напис, секој сведок, секоја институционална постапка ја продлабочуваа дилемата: дали правдата ќе стигне навреме?
Осум месеци подоцна, обвинението конечно е поднесено. Опфаќа 35 физички и три правни лица. Меѓу обвинетите се сопственици, директори, тројца поранешни градоначалници на Кочани, поранешни министри, државни службеници, инспектори и лица од обезбедувањето. Обвиненијата ги опфаќаат тешки кривични дела против општата сигурност и дејствија кои, според обвинението, се одвивале во период од 2012 до 2025 година.
Овој текст не е само потсетник. Тој е предупредување. Трагедијата во Кочани не ја уништи само ноќта на 16 март – туку ја потресе целата држава, отвори прашања за институционална одговорност, системски пропусти и човечки живот оставен без заштита.
Останува најважното прашање: дали историјата ќе запише пресуда и правда, или оваа трагедија ќе стане уште една заглавена страница – заборавена, недовршена и без вистински одговорни?
















