ПРВ.мк
Македонија

„Со тоа што ги бранат обвинетите, повторно ги убија нашите деца“ – мајките на жртвите од „Пулс“ со силна порака на судењето

„Со тоа што ги бранат обвинетите, повторно ги убија нашите деца“ – мајките на жртвите од „Пулс“ со силна порака на судењето
Kristal

Со гнев, болка и бес почна судењето за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, каде во пожар загинаа 63 млади луѓе.

Мајките на загинатите деца зборуваа пред судот за неизмерната болка, неправдата што ја чувствуваат и за срамот што, според нив, го носат адвокатите кои ги бранат обвинетите.

„Ги чекаме децата да се појават и да кажат ‘Каде си ма мајче?’ Со тоа што ги бранат обвинетите, повторно ги убија нашите деца, а со тоа не убиваат и нас. Во име на парата и корупцијата, згаснаа млади животи“, рече Светлана Стојанова, мајка на Андреј Стојанов. Таа додаде дека сите загинати биле воспитани, талентирани и културни млади лица, кои отишле на концерт за да се забавуваат, а не за да прават зло.

Својата болка ја изнесе и мајката на Андреј Лазаров, млад фудбалер кој дошол од Скопје за концертот: „Си дојде вечерта, а јас не го видов, бев во Турција. Сите семејства носат иста болка. Преубави, талентирани деца, а сега останавме со трајна празнина.“

Мајките јавно ги критикуваа адвокатите на обвинетите, нагласувајќи дека нивниот однос претставува дополнително зло врз семејствата: „Нека се замислат како би се чувствувале ако беа на наше место. Унаказени сме за цел живот.“

За семејствата, судењето не е само правен процес, туку секојдневна борба и надеж дека вистинската правда ќе ја најде својата тежина, а одговорните ќе бидат повикани на одговорност за трагедијата што ги скрши нивните животи.

Escape