Најсилните врнежи денес до 16:30 часот се измерени во Претор и Крушево, каде наврнаа по 16 литри дожд на метар квадратен. Веднаш зад нив се Маврови Анови со 12 литри, додека во Берово се регистрирани 10 литри. Во Прилеп наврнале 9 литри дожд, а по 8 литри се евидентирани во Пожаране и Струмица. Во Тополчани и Струмица биле измерени по 7 литри, додека Виница и Попова Шапка запишале по 6 литри. Лазарополе и Штип добиле по 5 литри дожд, Зајчев Рид и Тетово по 4 литри, а по 3 литри се регистрирани во Гевгелија, Демир Капија, Крива Паланка и Битола. На крајот од скалата се Велес со 2 литри и Кавадарци со само 1 литар.
Според информациите на УХМР, до крајот на денот времето ќе остане претежно облачно со локални врнежи, најизразени претпладне во јужните и југозападните делови од државата, каде во следните часови може да наврнат повеќе од 30 литри дожд на метар квадратен во период од 24 часа. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер.
Утринските часови утре ќе донесат услови за појава на магла во пониските котлини. Во текот на денот времето ќе биде променливо облачно, со локални врнежи особено претпладне и во вечерните часови. Ветерот ќе биде умерен до засилен, претежно од јужен правец. Температурите ќе се движат од 7 до 11 степени во утринските часови, додека дневните ќе достигнат меѓу 15 и 19 степени.
И во Скопје утре наутро се очекува магла во делови од котлината. Преку денот ќе доминира облачно време со повремени и послаби врнежи од дожд. Ќе дува умерен југоисточен ветер, а температурите ќе се движат од 8 степени минимални до 17 степени максимални.
Поради циклонската активност, нестабилното време продолжува и во наредните денови. Во петок и за време на викендот повторно се очекуваат пообилни врнежи, над 30 литри на метар квадратен во 24 часа, со засилен ветер, грмежи и можни локални невремиња.
Од недела следува забележливо заладување. Утринските и дневните температури значително ќе паднат, а на планинските предели дождот ќе премине во слаб снег, најавувајќи го официјалниот почеток на зимските услови.
















