ПРВ.мк
Свет

ОРБАН ЈА СПРЕМА ВОЈСКАТА? Тензиите со Украина драстично ескалираат: „Знаеме што планираат“

ОРБАН ЈА СПРЕМА ВОЈСКАТА? Тензиите со Украина драстично ескалираат: „Знаеме што планираат“
Kristal

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, по седницата на унгарскиот Совет за одбрана соопшти дека наложил засилена заштита на критичната енергетска инфраструктура поради, како што наведе, политички мотивирана блокада на испораката на нафта од Украина. Тој тврди дека Киев се подготвува за дополнителни активности насочени кон попречување на функционирањето на унгарскиот енергетски систем.

Засилената заштита, според него, подразбира распоредување војници и неопходна опрема во близина на приоритетните енергетски објекти, додека полицијата ќе ги зголеми патролите околу електрани, дистрибутивни станици и управувачки центри.

Орбан во видео-порака објавена на социјалните мрежи потсети дека од 27 јануари нафта не пристигнува во Унгарија преку нафтоводот „Дружба“.

– Податоците јасно покажуваат дека овој преседан без оправдување има политички причини и дека украинската влада со блокадата на нафтата врши притисок врз Унгарија и Словачка – изјави Орбан.

Тој додаде дека на седницата биле разгледани извештаи од националните безбедносни служби, врз основа на кои било заклучено дека Украина се подготвува за нови акции со цел попречување на унгарскиот енергетски систем.

– Унгарија не може да биде уценувана! – нагласи Орбан.

Испораките на руска нафта за Унгарија и Словачка преку „Дружба“ беа прекинати на 27 јануари, кога Киев соопшти дека руски напад со дрон погодил опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава ја обвинија Украина за прекинот, додека Киев соопшти дека работи на поправка.

Орбан, исто така, ги обвини европските лидери, предводени од Урсула фон дер Лајен, дека се согласиле со украинскиот претседател Володимир Зеленски за продолжување на војната.

– Ова се лоши вести за Европа. Војната се продолжува, иако очигледно нема решение на фронтот, а носи страшни разурнувања. Илјадници луѓе гинат или остануваат осакатени секој месец, додека фронтот речиси не се поместува. Тоа е она што Брисел го поддржува – напиша Орбан.

Тој оцени дека се трошат стотици милијарди евра „за ништо“ и предупреди дека војната создава ризик од нуклеарна ескалација.

На крајот, Орбан го обвини лидерот на унгарската опозициска партија Тиса, Петер Маѓар, дека склучил „таен договор“ со бриселските лидери и дека би ја одвоил Унгарија од евтината нафта и гас.

– Унгарија мора да остане надвор од ова. Владата ќе ја зачува безбедноста на земјата – порача Орбан.

SWM
Pharmanova
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo