На врвот на австриската „црна листа“ на најбарани криминалци се наоѓаат двајца Балканци.
Специјалните единици на австриската полиција активно трагаат по четири лица кои се наоѓаат на врвот на официјалната листа „Austria’s Most Wanted“. За нив се распишани меѓународни потерници поради тешки кривични дела, меѓу кои убиство, организиран криминал и милионски измами. Надлежните предупредуваат дека дел од нив се исклучително опасни.
Според податоците на австриското Сојузно министерство за внатрешни работи, на листата се наоѓаат Радоје Звицер, Маријана Мијаиловиќ, Мартин Јозеф Шабел и Тибор Фоко. Иако нивните криминални профили се различни, заедничко им е тоа што со години се во бегство.
Радоје Звицер – Меѓународен шверц на кокаин Радоје Звицер е означен како водач на балканскиот „Кавачки клан“. Австрија го бара поради раководење со криминална организација и нелегална трговија со дрога. Се товари дека организирал шверц на големи количини кокаин со висока чистота во Австрија, кој потоа бил дистрибуиран низ Европа. Европол и австриската полиција предупредуваат дека е вооружен и многу опасен. Наводно користи повеќе од 15 лажни идентитети и пасоши, а препознатлив е по лузни на левата страна од градниот кош, настанати при обид за атентат.
Маријана Мијаиловиќ – Милионски измами Маријана Мијаиловиќ се бара поради серија тешки измами во Виена и Минхен, вредни повеќе од осум милиони евра. Таа лажно се претставувала како „шаманка“, нудејќи услуги за „симнување клетви“ од накит и пари. Откако ќе ги преземела вредностите за „ритуално чистење“, исчезнувала со пленот. При полициска акција на нејзиниот имот во околината на Виена, во таен трезор под базен биле пронајдени златни прачки, луксузни часовници и голема количина готовина, но таа успеала да побегне.
Мартин Јозеф Шабел – Дилер на дрога на Даркнет Мартин Јозеф Шабел, познат под псевдонимот „Mr. Blow“, се бара поради продажба на големи количини наркотични супстанции преку Даркнет. Според австриската полиција, тој бил водечки член на криминална група која делувала од 2018 до 2020 година. Во бегство е од април 2021 година, а се претпоставува дека се крие надвор од Австрија. За информации што би довеле до негово апсење е распишана награда од 5.000 евра.
Тибор Фоко – Три децении во бегство Најдолгиот случај на листата е Тибор Фоко, поранешен спортист и сопственик на бордел, кој е во бегство речиси 30 години. Во 1986 година бил осуден на доживотен затвор за убиство на 23-годишна проститутка во Линц. И покрај строгата казна, му биле дозволени излегувања од затвор заради студирање право. Во април 1995 година, за време на престој на Универзитетот во Линц, успеал да побегне. За информации што би довеле до негово апсење е понудена награда од 20.000 евра. Полицијата верува дека, благодарение на интелигенцијата и познавањето повеќе јазици, живее под лажен идентитет.
Австриските власти апелираат до граѓаните да не преземаат самостојни акции доколку ги забележат овие лица, туку веднаш да ги известат надлежните служби.


















