Од 1 октомври, Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје воведува нова практика што ќе го промени мајчинството во Македонија – сите жени ќе можат да се пораѓаат бесплатно и без болка.
Директорката на клиниката, д-р Ирена Алексиоска – Папастиев, ја потврди информацијата и истакна дека целта е породувањето да биде „современо, безбедно и со убаво сеќавање“ дури и кај најкомплицираните случаи.
„Секоја пациентка има можност бесплатно да се породи на нашата клиника. Стравот е голем, но сакаме на мајките да им остане само убаво сеќавање,“ изјави таа за ТВ24.
Веста прв ја објави и гинекологот д-р Ненад Лазаров преку својот Фејсбук-профил, каде што предизвика вистинска еуфорија и стотици позитивни реакции од идни мајки. „Ова е подарок што долго се чекал,“ коментираа многумина.
Во услови на економска криза, ваквата одлука се смета за големо олеснување за семејствата и чекор напред во модернизацијата на здравствената грижа. За жените во Македонија оваа промена претставува нова надеж – породување без болка, без дополнителни трошоци и со поголема доверба во здравствениот систем.