ПРВ.мк
Свет

Нови тензии меѓу Трамп и Зеленски: Американскиот претседател бара промени, украинскиот лидер не попушта

Нови тензии меѓу Трамп и Зеленски: Американскиот претседател бара промени, украинскиот лидер не попушта

Украинскиот претседател Володимир Зеленски категорично ја отфрли можноста да поднесе оставка, нагласувајќи дека негова должност е да продолжи да ја води државата додека трае војната со Русија.

Во интервју со британскиот новинар Пирс Морган, Зеленски порача дека нема намера да се повлече од претседателската функција и покрај критиките што ги добива од американскиот претседател Доналд Трамп.

„Тоа е моја одговорност“, изјави украинскиот лидер.

Говорејќи за можноста за одржување претседателски избори, кои првично беа предвидени за 2024 година, Зеленски истакна дека актуелните безбедносни околности не дозволуваат организирање нормален изборен процес.

Според него, постојаните руски ракетни и беспилотни напади претставуваат сериозна опасност, додека голем број украински војници се наоѓаат на фронтот, а милиони граѓани се раселени или ја напуштиле земјата.

„Не можеме да избираме претседател без војниците, бидејќи тие ги ризикуваат и ги дадоа своите животи. Тие први мора да гласаат и мислам дека тоа е праведно“, нагласи Зеленски.

Зеленски изјави дека верува оти ја има поддршката на украинските граѓани и дека војната ги обединила околу заедничката цел – одбрана на државата.

„Сите сме Украинци и сите сме на иста страна. Имаме само еден непријател, а тоа е Русија“, порача тој.

Украинскиот претседател нагласи дека завршувањето на војната е и во интерес на рускиот народ, но оцени дека Москва мора да го промени својот пристап за да се постигне траен мир.

Изјавите доаѓаат по пораката на Доналд Трамп од 10 октомври, кога американскиот претседател оцени дека Украина треба да добие нов лидер кој ќе може да постигне мировен договор. Трамп повторно ги критикуваше украинските напади врз руските нафтени рафинерии, поврзувајќи ги со растот на цените на дизелот на светскиот пазар.

Прашањето за претседателските избори во Украина останува отворено. Зеленски претходно предложи 60-дневен прекин на огнот за да се создадат услови за нивно одржување, но Кремљ го отфрли таквиот предлог.

Додека војната продолжува, односите меѓу Вашингтон и Киев се соочуваат со нови тензии, а Зеленски останува на ставот дека изборниот процес мора да ги опфати и војниците на фронтот и раселените украински граѓани.

Најнови вести