Полска воведува построги правила за заштита на домашните животни. Со измените на Законот за заштита на животните се забранува држењето кучиња и мачки на синџир, а сопствениците ќе мора да обезбедат соодветни услови и простор за слободно движење.
Новите правила предвидуваат животните што се чуваат надвор да имаат пристап до ограден простор во кој ќе можат слободно да се движат. Во одредени случаи ќе биде дозволено користење и соодветно уредени боксови.
Полска не е единствената европска држава со вакви ограничувања. Во Австрија е забрането кучињата трајно да се држат врзани, додека краткотрајното врзување е дозволено во одредени ситуации.
Словенија, пак, од ноември 2025 година има забрана за трајно врзување на кучињата во домашни услови, откако заврши преодниот период за приспособување на сопствениците.
И во други европски држави постојат различни ограничувања за постојаното врзување и ограничување на движењето на кучињата. Правилата не се идентични во сите земји, а на ниво на Европската Унија нема единствена општа забрана.
Целта на ваквите мерки е подобрување на благосостојбата на животните и спречување кучињата да го поминуваат животот врзани, без доволно простор за движење и соодветни услови.








