ПРВ.мк
Свет

Нова забрана: Алкохол нема да се продава по 21 часот

Нова забрана: Алкохол нема да се продава по 21 часот

Во Сплит стапи на сила нова одлука со која се ограничува продажбата на алкохолни пијалоци во текот на ноќта, како дел од мерките за одржување на јавниот ред за време на туристичката сезона.

Според одлуката, од 1 јуни до 15 септември, малопродажните објекти низ целиот град нема да смеат да продаваат алкохол секој ден во периодот од 21:00 до 06:00 часот.

Од градските власти објаснуваат дека целта е заштита на јавното здравје и ред, намалување на бучавата и загадувањето на јавните површини, како и заштита на културното наследство.

Во последните години Сплит се соочува со сè поголем проблем со туристи кои прекумерно консумираат алкохол. На социјалните мрежи често се појавуваат снимки од пијани туристи на улиците, особено во текот на летната сезона.

Само во јуни, службите за итна помош примиле повеќе од 50 повици за пијани лица на јавни места, а во најголем дел од случаите станувало збор за млади странски туристи.

Најмногу интервенции се регистрираат за време на викендите, кога се популарни организираните тури низ баровите, при кои туристите посетуваат повеќе локали и консумираат поголеми количества алкохол.

Со новата мерка, градските власти очекуваат да се намалат ноќните инциденти и проблемите што ги создава прекумерното консумирање алкохол на јавни места.