Во екот на туристичката сезона, Управата за јавни приходи ги потсетува сите што заработуваат од туризам дека остварениот доход мора уредно да биде пријавен и оданочен.
Во Охрид беше организирана работна средба со издавачи на апартмани, хотелиери, угостители и други претставници на туристичкиот сектор во рамки на кампањата „Фер туризам започнува со пријавен доход“.
Обврската се однесува на физички лица кои издаваат апартмани, станови, куќи, вили, соби и други сместувачки капацитети, без разлика дали гостите ги пронашле директно или преку интернет.
Тоа значи дека приходите треба да се пријават и кога резервациите се направени преку платформи како Airbnb, Booking.com, Facebook, Kayak и Tripadvisor. Начинот на плаќање, односно дали парите се примени во готово или преку трансакциска сметка, не ја исклучува даночната обврска.
Доходот од закуп и подзакуп се пријавува преку системот е-Даночни услуги, а данокот на личен доход се пресметува врз остварениот бруто-доход намален за признатите трошоци.
Но, вниманието не е насочено само кон сместувањето.
УЈП потсетува дека и сезонските работници – готвачи, бармени, собари, рецепционери, лица за чистење и други ангажирани работници – треба да бидат соодветно пријавени согласно законските прописи.
Под даночните правила потпаѓаат и сезонските туристички активности покрај езерото, како изнајмување кајчиња, педалинки, SUP-даски, кануа и кајаци, како и продажбата на сувенири, ракотворби, накит и уметнички предмети.
Физичките лица кои вршат ваква дејност од времен карактер треба да го пријават остварениот доход и да платат данок на личен доход, а пред почетокот на дејноста да поднесат барање за паушално плаќање на данокот.
Од УЈП посочуваат дека целта е да се создадат еднакви услови за сите учесници во туристичкиот сектор и да се намалат сивата економија и нелојалната конкуренција.
Пораката е јасна – туристичката сезона носи можност за поголема заработка, но и обврска приходите да бидат пријавени.







