Франција регистрирала 1.243 дополнителни смртни случаи во периодот на екстремни горештини од 3 до 22 јули, покажуваат податоците објавени од француското Министерство за здравство.
Станува збор за зголемување на вкупната смртност од сите причини во периодот кога земјата била зафатена од топлотен бран. Сепак, надлежните нагласуваат дека допрва треба детално да се утврди колкав дел од смртните случаи директно се поврзани со високите температури.
Претходниот топлотен бран, кој траел од 17 јуни до 2 јули, бил уште потежок. Во тој период во Франција биле регистрирани речиси 5.800 смртни случаи повеќе од просекот, односно околу четири пати повеќе отколку во јулскиот топлотен бран.
И крајот на мај донел екстремно високи температури, кога биле регистрирани околу 300 дополнителни смртни случаи.
Податоците покажуваат и значителни разлики меѓу регионите. Парискиот регион, Гранд Ест и Пеи де ла Лоара биле меѓу најтешко погодените, додека во југоисточниот дел од земјата и на Корзика во текот на јуни не било забележано зголемување на смртноста.
Од Француската агенција за јавно здравје посочуваат дека ќе бидат потребни дополнителни анализи на смртните изводи за прецизно да се утврдат причините и карактеристиките на зголемената смртност.
Франција и во август се соочува со нов топлотен бран, особено во југоисточниот дел од земјата.
Целосните податоци за последиците од горештините во текот на летото 2026 година се очекуваат во септември, кога треба да биде направена и конечната проценка.








