Иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) соопшти дека денеска извршила напад со шест беспилотни летала врз американски радар лоциран во база за хеликоптери во Бахреин. По нападот, во земјата се огласиле сирените за тревога, а Министерството за внатрешни работи ги повикало граѓаните да се упатат кон најблиското безбедно место.
Од Министерството упатиле апел до граѓаните и странските државјани кои престојуваат во Бахреин да останат смирени, да побараат засолниште на безбедна локација и информациите за понатамошниот развој на ситуацијата да ги следат исклучиво преку официјалните канали, пренесува „Ал Џезира“.
Во меѓувреме, Иранската револуционерна гарда соопштила дека Ормускиот Теснец е затворен, истовремено предупредувајќи дека секој американски напад ќе предизвика уште посилен и поодлучен одговор.
Бахреин тврди дека пресретнал повеќе воздушни закани
Врховната команда на Одбранбените сили на Бахреин соопштила дека противвоздушните системи на земјата пресретнале и уништиле повеќе ирански воздушни закани пред тие да стигнат до своите цели.
Во соопштението се наведува дека Иран продолжува со, како што ја оценила командата, „систематска непријателска политика кон Бахреин“, додавајќи дека одбранбените системи успешно реагирале на повеќе воздушни закани.
Од военото раководство истакнале дека сите армиски единици се на највисоко ниво на борбена готовност и дека се подготвени да преземат одбранбени мерки за заштита на земјата.
Иранската Исламска револуционерна гарда претходно соопшти дека со шест дронови го нападнала американскиот радар во базата за хеликоптери во Бахреин, по што во земјата се активирале сирените за тревога.
Пожар на два нафтени танкери по експлозии во Ормускиот Теснец
Дополнително зголемување на тензиите во регионот предизвикал и инцидентот со два нафтени танкери во јужниот дел на Ормускиот Теснец.
Поморските сили на Иранската револуционерна гарда соопштиле дека на двата брода избил пожар откако во текот на ноќта удриле во подводни мини. Според нивната верзија, танкерите се обидувале тајно да поминат низ забранета поморска рута.
Во соопштението на ИРГЦ се тврди дека двата брода претходно ги исклучиле навигациските системи и системите за автоматска идентификација, со цел да го прикријат своето движење низ теснецот.
Според иранската страна, по ударот во морските мини дошло до експлозии, по што избил голем пожар на двата танкери.
Истовремено, уште два нафтени танкери, кои наводно се обиделе да поминат по недозволена рута, ги послушале предупредувањата од центарот за контрола на поморскиот сообраќај на ИРГЦ и се вратиле во правец на Персискиот Залив.
Ситуацијата во регионот останува напната, а соопштенијата на иранската страна и на властите во Бахреин укажуваат на сериозно зголемување на безбедносните тензии во областа на Персискиот Залив и Ормускиот Теснец.








