Два авиони се судрија на меѓународниот аеродром во Мајами во текот на изминатата ноќ, при што две лица се здобиле со полесни повреди. Во инцидентот учествувале товарен авион на американската компанија „UPS“ и патнички авион на панамската авиокомпанија „Копа ерлајнс“, соопшти противпожарната служба во Мајами.
Според информациите што ги пренесува „CBS“, станува збор за авион „Боинг 767“ на UPS и „Боинг 737“ на „Копа ерлајнс“.
Судирот се случил околу 21:15 часот, на раскрсницата на две рулни патеки, потврди Грег Чин, директор за комуникации на меѓународниот аеродром во Мајами.
„Околу 21:15 часот, авион што пристигнувал и авион што требало да полета се судриле на раскрсницата на две рулни патеки“, изјавил Чин.
Од противпожарната служба интервенирале на местото на настанот и им укажале помош на две лица со полесни повреди. Според надлежните, нивната состојба не барала транспорт до болница.
Еден авион требало да лета за Колумбија, другиот пристигнал од Панама
Товарниот авион на UPS требало да полета од Мајами кон Богота, главниот град на Колумбија. Во меѓувреме, авионот на „Копа ерлајнс“ пристигнал од Панама Сити, Панама.
По инцидентот, летовите биле пренасочени кон други рулни патеки. Според информациите од аеродромот, судирот не предизвикал нарушување на редовното функционирање на воздушниот сообраќај.
Засега во објавените информации не се наведени причините за судирот.








