ПРВ.мк
Свет

Нова бариера за влез во САД: До 15.000 долари гаранција за граѓани од уште 25 земји

Нова бариера за влез во САД: До 15.000 долари гаранција за граѓани од уште 25 земји
Kristal

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп значително ги заострува условите за добивање американска виза, откако на листата на земји со дополнителни финансиски обврски се додадени уште 25 држави. Според информациите објавени на официјалната веб-страница на U.S. Department of State, граѓаните на овие земји може да мора да уплатат гаранција до 15.000 долари за да аплицираат за виза за САД.

Со ова проширување, листата сега опфаќа вкупно 38 земји, најголем дел од Африка, Латинска Америка и Јужна Азија. Новите правила ќе започнат да се применуваат од 21 јануари и ќе важат за апликанти кои бараат туристичка или деловна виза од типот Б1/Б2.

Меѓу земјите што се наоѓаат на списокот е и Венецуела, која повторно е во фокусот на американската јавност по неодамнешните случувања поврзани со поранешниот претседател Николас Мадуро. Според Стејт департментот, износот на гаранцијата – 5.000, 10.000 или 15.000 долари – ќе се утврдува индивидуално за секој апликант за време на интервјуто за виза.

Гаранцијата ќе се уплаќа преку официјалната платформа Pay.gov, а целта на мерката, како што наведуваат американските власти, е да се спречи пречекорување на дозволениот престој во САД. Оваа практика е дел од поширока пилот-програма што започна минатото лето.

Од преземањето на функцијата, Трамп спроведува строга имиграциска политика со зголемени контроли, депортации и дополнителни проверки. Додека неговата администрација тврди дека мерките ја зајакнуваат националната безбедност, организациите за човекови права предупредуваат дека тие создаваат нови финансиски и административни бариери за легалните патници.

FixCredit
Escape