Директорката на Институтот за јавно здравје, д-р Марија Андоновска, изјави дека бројот на заболени од грип значително се зголемува и дека пикот на сезонскиот грип се очекува во втората половина на јануари, веднаш по почетокот на второто полугодие од учебната 2025/2026 година.
„Ќе ја следиме состојбата и во зависност од бројките на заболени, ќе дадеме препораки до Министерството за образование и наука за евентуално одложување на почетокот на учебната година“, рече д-р Андоновска.
Во периодот од 29 декември до 4 јануари пријавени се 1.725 случаи на заболувања слични на грип, што е 2,2 пати повеќе од претходната недела и 5,2 пати повеќе во споредба со истиот период минатата сезона. Највисока инциденца е забележана кај децата на возраст од 5 до 14 години (287,7/100.000).
Најмногу заболени се регистрирани во Скопје (716), Тетово (339) и Куманово (150), додека во други градови бројот е под 100 случаи. Во Дебар се бележи многу висока активност на грипот, во Велес и Тетово висока, а во Скопје, Куманово и Штип средна активност.
Вкупниот број на случаи за оваа сезона изнесува 3.825, што е 2,8 пати повеќе од истиот период минатата сезона и 20,6% повеќе од моделот базиран на последните 15 сезони.
Граѓаните се повикуваат на внимателност, особено во контакти со болни, а здравствените власти ќе продолжат да ја следат состојбата и да дадат препораки за дополнителни мерки.
















