ПРВ.мк
Свет

Федерален агент уби 37-годишна жена - локалните власти со остри пораки!

Федерален агент уби 37-годишна жена - локалните власти со остри пораки!
Kristal

Триесет и седумгодишна жена го загуби животот во Минеаполис по пукање во кое биле вклучени федерални агенти од Имиграциската и царинска служба на САД (ICE), кои спроведувале целна операција во градот. Инцидентот се случил во средата и веднаш предизвика силна реакција и бран негодување, не само на локално ниво, туку и низ целите Соединети Американски Држави.

Верзиите за тоа што точно се случило драстично се разликуваат. Федералните власти тврдат дека станува збор за самоодбрана, додека локалните функционери ја оспоруваат таа приказна и зборуваат за сериозно пречекорување на овластувањата.

Во официјалното соопштение на Министерството за внатрешна безбедност се наведува дека агентот од ICE отворил оган откако почувствувал директна закана.

„Полицаецот од ICE, плашејќи се за својот живот, за животите на своите колеги и за безбедноста на јавноста, испукал одбранбени истрели“, соопшти Министерството. Според нив, агентот постапил согласно обуката со цел да се заштити себеси и другите.

Министерката за внатрешна безбедност, Кристи Ноем, изнесе дополнителни детали, наведувајќи дека жената со своето возило се обидела да удри неколку агенти пред да биде застрелана.

Таа објасни дека агентите на ICE биле на терен извршувајќи законска операција, но поради лошите временски услови и снегот во Минеаполис, нивното возило заглавило. Додека се обидувале да го истуркаат автомобилот, жената, според нејзините зборови, ги нападнала и се обидела да ги удри со возилото.

„Еден од нашите полицајци дејствуваше брзо и одбранбено, пукаше за да ги заштити себеси и луѓето околу него. Таа беше погодена и, за жал, почина“, изјави Ноем на прес-конференција во Тексас.

Жестока реакција од градските власти

Инцидентот предизвика силно негодување кај граѓаните на Минеаполис, особено поради зголеменото присуство и активности на имиграциските служби во последниот период. Локалните и државните функционери јавно побараа ICE да го напушти градот.

Градоначалникот на Минеаполис, Џејкоб Фреј, остро ја отфрли верзијата на Министерството за внатрешна безбедност, нарекувајќи ја „глупост“. Тој истакна дека лично го видел видеото од инцидентот.

„Тие создаваат хаос на нашите улици и во овој случај буквално убиваат луѓе“, изјави Фреј. Според него, обидот случајот да се прикаже како самоодбрана е манипулација.

„Овој агент ја искористил својата моќ неодговорно, а резултатот е смрт на човек. Тоа е убиство“, рече градоначалникот.

Тој упати директна порака до федералната агенција: „Губете се од Минеаполис. Не ве сакаме тука“.

Фреј додаде дека ICE се однесува како да спроведува „воена окупација“ и дека намерно создава клима на страв и хаос.

„Сакаат изговор да покажат сила и да предизвикаат уште повеќе очај. Ние не смееме да дозволиме тоа да се случи“, нагласи градоначалникот, повикувајќи ги граѓаните на смиреност, солидарност и човечност.

Волц: Предупредував дека ќе има жртви

Се огласи и гувернерот на Минесота, Тим Волц, кој изјави дека со недели предупредувал дека агресивните операции на ICE може да доведат до трагични последици.

„Постојано укажувавме дека сензационалистичките и опасни акции на администрацијата на Трамп претставуваат закана за јавната безбедност. Денес ги гледаме последиците од политика што е дизајнирана да шири страв“, изјави Волц.

Тој јасно порача дека Минесота не сака дополнително федерално мешање.

„Не ни е потребна никаква дополнителна помош од федералната влада. Доналд Трамп и Кристи Ноем, направивте доволно“, изјави гувернерот.

Волц додаде дека активирал државни ресурси, вклучително и Тим за итни интервенции на Државната патрола, со цел да се стабилизира состојбата.

Полицијата: Жената починала од прострелна рана во главата

Началникот на полицијата во Минеаполис, Брајан О’Хара, изјави дека полицијата пристигнала на местото на настанот и затекнала 37-годишна жена со прострелна рана во главата.

На лице место биле преземени мерки за спасување на живот, по што таа била пренесена во Медицинскиот центар на округот Хенепин, каде што била прогласена за мртва.

О’Хара посочи дека на местото не забележал други лица со жртвата и дека подоцна полицајците дознале оти нејзиниот сопруг ја пречекал во болницата.

Сведоци и граѓани излегоа на улиците

По инцидентот, улиците во населбата беа преполни со вознемирени граѓани и сведоци. Снимки направени непосредно по пукањето покажуваат масовно полициско и федерално присуство, како и вербални судири меѓу жителите и службениците.

Членот на Градскиот совет, Џејсон Чавез, побара агентот на ICE кој пукал да биде веднаш уапсен и отпуштен.

„Нашата заедница страда и нема да го прифати ова. Луѓето овде нема да дозволат ваквото насилство да помине без одговор“, изјави Чавез за CNN.

Истрагата за инцидентот е во тек, а случајот веќе прерасна во еден од најконтроверзните судири меѓу локалните власти и федералните агенции во последните години.

FixCredit
Escape