Цените на природниот гас во Европа повторно бележат силен раст и достигнаа нивоа невидени од крајот на 2022 година, во услови на зголемена неизвесност околу снабдувањето од Персискиот Залив и комерцијалниот сообраќај низ Ормускиот Теснец.
Гасот со испорака во октомври на холандската берза ТТФ во попладневните часови се тргувал по цена од 83,71 евро за мегават-час. Тоа е највисоко ниво од втората половина на декември 2022 година и претставува раст од 5,26 проценти во однос на петочното затворање.
Една од причините за нервозата на пазарите е одложувањето на состанокот на министрите за надворешни работи од земјите од Персискиот Залив, на кој требало да се разговара за комерцијалниот транзит низ Ормускиот Теснец.
Оманскиот министер за надворешни работи Бадр ал-Бусаиди претходно соопшти дека состанокот е одложен. Според извештаите, Иран и Оман требало да претстават нацрт-договор поврзан со регулирањето на пловидбата низ теснецот.
Дополнителна загриженост предизвикува намалениот број комерцијални бродови што го напуштаат Персискиот Залив. Според прелиминарните податоци за поморскиот сообраќај, во текот на викендот само четири комерцијални пловни објекти го напуштиле Заливот преку Ормускиот Теснец, додека просекот во претходните десет дена бил значително повисок.
Ормускиот Теснец е една од клучните точки за светскиот транспорт на нафта и течен природен гас, па секое поголемо нарушување на пловидбата брзо се одразува врз енергетските пазари.
Во исто време, европските земји продолжуваат со полнење на складиштата пред почетокот на грејната сезона. Според податоците на „Gas Infrastructure Europe“, складиштата во Европската Унија биле пополнети 68,04 проценти, наспроти 80,12 проценти во истиот период минатата година.
Тоа значи дека Европа во пресрет на постудениот период располага со пониско ниво на резерви во споредба со истиот период во 2025 година, што дополнително ја зголемува чувствителноста на пазарот на можни нарушувања во снабдувањето.






