Девет европски држави побараа од Европската комисија да го ублажи воведувањето на новиот Систем за влез/излез (ЕЕС), оценувајќи дека во моментов сè уште постојат сериозни технички и оперативни предизвици кои би можеле да предизвикаат дополнителни проблеми на границите.
Во заедничко писмо испратено на 7 јули, Белгија, Франција, Германија, Грција, Италија, Малта, Холандија, Португалија и Швајцарија му се обратија на еврокомесарот за внатрешни работи Магнус Брунер, посочувајќи дека досегашното тестирање и првите месеци од функционирањето на системот покажале значителни потешкотии кои не треба да се занемарат.
Иако земјите нагласуваат дека го поддржуваат воведувањето на новиот систем за регистрација на патниците, тие бараат Европската комисија да овозможи продолжување на примената на итниот механизам и по 6 септември 2026 година, кога според сегашните правила треба да престане да важи.
Овој механизам им овозможува на граничните служби, во исклучителни ситуации, привремено да не земаат отпечатоци од прсти и да не вршат скенирање на лицето на патниците со цел да се избегнат долги редици и застои на граничните премини. И покрај тоа, секој патник и понатаму се евидентира при влез и излез од Шенген зоната.
Во писмото министрите бараат и писмени гаранции од Европската комисија дека оваа можност ќе остане достапна сè додека системот не почне непречено да функционира на сите гранични премини.
Од Европската комисија, портпаролот Маркус Ламерт изјави дека институцијата ја поздравува определбата на земјите за целосна примена на Системот за влез/излез и за систематска регистрација на сите патници кои не се државјани на Европската Унија.
Тој потсети дека постојното законодавство веќе предвидува одредена флексибилност, вклучително и можност за привремено суспендирање на собирањето биометриски податоци во одредени околности, особено во периоди кога има значително зголемен број патници. Според него, Европската комисија останува во постојана комуникација со земјите кои се соочуваат со проблеми на одредени гранични премини.
Во меѓувреме, аеродромите, авиокомпаниите и фериботските оператори предупредуваат дека новиот систем веќе создава подолги редици и дополнителни оперативни предизвици во текот на летната туристичка сезона. Претставниците на транспортниот сектор сметаат дека техничките и организациските проблеми тешко ќе бидат целосно надминати до почетокот на септември.
Засега, Европската комисија не најавува промена на роковите, ниту пак сигнализира дека планира да ја продолжи важноста на сегашниот механизам за флексибилност по 6 септември, што значи дека конечната одлука сè уште останува отворено прашање.









