Силно невреме го погоди југоисточниот дел на Бразил, оставајќи зад себе човечки жртви и голема материјална штета. Според локалните медиуми, најмалку пет лица го загубиле животот откако моќна бура со ветрови кои надминувале 100 километри на час го зафатила регионот.
Најпогодени биле големите градови Рио де Жанеиро и Сао Паоло, каде што силните налети на ветер предизвикале вистински хаос. Бурата корнела дрвја, оштетувала објекти, соборувала ѕидови и откорнувала покриви од куќи, а во повеќе населени места дошло и до прекини во снабдувањето со електрична енергија.
Невремето се создало под влијание на студен фронт кој се движел над Атлантскиот Океан, а последиците сериозно го нарушиле секојдневието на жителите. Во Рио де Жанеиро биле прекинати дел од транспортните услуги, вклучително и работата на метрото и пристаништето, а проблеми имало и со воздушниот сообраќај на домашниот аеродром „Сантос Думонт“.
На социјалните мрежи се појавија драматични снимки од моментите кога силните ветрови предизвикуваат опасни ситуации. На видеата се гледа како налетите на ветер силно нишаат кабина на жичарница, градежно скеле и чамци на морето, покажувајќи ја моќта на невремето.
Според информациите на порталот „G1“, повикувајќи се на противпожарната служба, во Рио де Жанеиро две лица загинале откако врз нив се урнал ѕид, додека еден рибар бил пријавен како исчезнат по невремето.
Во Сао Паоло, според „CNN Brasil“, две лица ги загубиле животите откако врз нив паднале дрвја, а уште едно лице загинало во несреќа при превртување на брод.
Надлежните служби продолжуваат со расчистување на последиците од бурата и проценка на штетите, додека жителите во погодените области се предупредуваат на дополнителна внимателност поради можни нови временски неприлики.








