Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху излезе со сериозно обвинување на сметка на Техеран, тврдејќи дека Иран се обидел да убие еден од неговите двајца синови. Изјавата ја даде во телефонско интервју за израелскиот Канал 14.
„Иран се обиде да убие еден од моите синови“, изјави Нетанјаху, но не откри за кој од неговите синови станува збор, ниту кога и на кој начин наводно бил планиран нападот.
Нетанјаху го спомена случајот додека зборуваше за безбедносните мерки и потребата од засилена заштита. Според него, обезбедувањето на членовите на неговото семејство не треба да се смета за луксуз, туку за неопходна мерка поради безбедносните закани.
Израелскиот премиер има два сина, Јаир и Авнер, но засега јавно не е соопштено кој од нив, според неговите тврдења, бил цел на Иран. Нема објавено ниту дополнителни детали за наводниот обид за атентат.
Изјавата доаѓа во период на високи тензии меѓу Израел и Иран. До моментот на објавувањето, иранската мисија во Обединетите нации не одговорила на обвинувањето на Нетанјаху, објави Ројтерс.







