Повеќе од 15 милиони доверливи документи и електронски пораки од германската Дојче банк откриваат серија спорни деловни односи на една од најголемите финансиски институции во Германија. Материјалите, кои свиркачи им ги доставиле на новинари од повеќе од 50 медиумски организации, отвораат прашања за долгогодишната соработка на банката со олигарси, политичари, осудени криминалци и трговци со оружје, како и за начинот на кој биле третирани предупредувањата за сомнителни трансакции и перење пари.
За откритијата објави германскиот магазин „Шпигел“, кој учествувал во истражувањето заедно со телевизијата ZDF, „Њујорк тајмс“, „Фајненшл тајмс“ и други медиумски организации.
Во обемната документација се споменуваат имиња на познати личности од политиката и бизнисот, меѓу кои американскиот претседател Доналд Трамп, осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, руски олигарси, германскиот политичар Фридрих Мерц и бизнисменот Матијас Депфнер.
Документите опфаќаат и деловни односи со големи компании како „Алди“, „БМВ“, „Рајнметал“ и „Спрингер“.
Предупредувањата за сомнителни трансакции наводно биле игнорирани
Најголемиот дел од материјалите потекнуваат од одделите на Дојче банк задолжени за следење проблематични трансакции, работа со клиенти со висок ризик и спречување финансиски криминал.
Станува збор за интерни електронски пораки меѓу раководителите, презентации наменети за управниот одбор и извештаи во кои, според истражувачките новинари, се опишува како банката продолжувала да соработува со клиенти поврзани со криминални активности, и покрај предупредувањата за можни злоупотреби, перење пари и нарушување на угледот на институцијата.
Меѓу откритијата се наведуваат начини на кои наводни криминални мрежи префрлале средства преку банкарскиот систем, околностите под кои Џефри Епстин станал клиент на банката, како и обидите на банкарите да привлечат богати руски олигарси.
Документацијата содржи и информации за финансиските трансакции на наследниците на богатството на семејството Алди. Според објавените наоди, биле користени шеми преку кои тие успевале да избегнат речиси сите даночни обврски поврзани со трансакции вредни повеќе милиони долари.
Посебно внимание привлекуваат и документите поврзани со Доналд Трамп. Во нив се опишуваат обидите на Дојче банк да го привлече како клиент, но и наводниот обид за прикривање грешка поради која неговите даночни пријави биле испратени на погрешна адреса.
Бизнис со трговци со оружје и сметки поврзани со АфД
Во документите се наведуваат и деловни активности со трговци со оружје, меѓу кои и финансирање испораки на тенкови во нестабилни држави.
Истражувањето отвора прашања и за разликата меѓу јавно декларираните еколошки обврски на банката и нејзините финансиски активности со големи загадувачи.
Дополнително, се тврди дека Дојче банк продолжила да управува со сметки наменети за донации на германската политичка партија Алтернатива за Германија (AfD). Ова е особено интересно поради фактот што извршниот директор на банката, Кристијан Зевинг, јавно се претставувал како остар критичар на оваа политичка организација.
Од Дојче банк, одговарајќи на прашањата на „Шпигел“ и медиумските партнери, соопштиле дека голем дел од случаите опфатени со истражувањето веќе биле предмет на разговори со регулаторните институции.
Банката нагласила дека под раководство на Кристијан Зевинг поминала низ „фундаментална трансформација“ и дека денес функционира како „различна банка“.
Руските деловни врски биле проблем уште пред војната во Украина
Еден од најзначајните делови од истражувањето се однесува на широката деловна мрежа на Дојче банк во Русија, за која, според документите, ризиците биле познати уште пред почетокот на руската инвазија врз Украина.
Кон крајот на 2021 година, банката отворила ново седиште во Москва. Тогашниот извршен директор на нејзиниот руски огранок, Борислав Иванов-Бланкенбург, го претставил потегот како доказ за посветеноста на институцијата кон рускиот пазар.
Само неколку недели пред почетокот на војната во Украина, Дојче банк одобрила краткорочни кредити во вредност од повеќе милиони евра за руската Сбербанк.
По руската инвазија, банката се соочила со сериозни проблеми поради широката мрежа на деловни односи што претходно ја изградила во Русија.
Меѓу компаниите со кои соработувала биле „Газпром“ и „Аерофлот“. Банката тргувала со руски хартии од вредност, финансирала банки и обработувала плаќања за руски финансиски институции.
Во кругот на нејзините клиенти биле и познатите олигарси Роман Абрамович, Алексеј Мордашов и Алишер Усманов. Последниот ги негира наводите дека има блиски врски со Кремљ.
Внатрешна истрага открила сериозни слабости
Дека работењето на рускиот пазар носело значителни ризици било забележано и во внатрешна истрага спроведена во 2020 година.
Во презентација од 84 страници, вработените идентификувале повеќе критични проблеми во деловните активности на банката во Русија. Меѓу нив биле и неколку партнерски банки за кои постоеле сомневања дека се користат за префрлање пари до лица блиски до рускиот претседател Владимир Путин.
Документите опишуваат и како руски средства биле префрлани преку меѓународниот финансиски систем со помош на фиктивни компании регистрирани на Британските Девствени Острови, во Белизе и на Кипар.
Во одредени случаи, милионски суми поминувале низ неколку различни држави во многу краток временски период, што дополнително ги отворило прашањата за контролата врз трансакциите.
Од Дојче банк соопштиле дека сите прашања што предизвикале загриженост биле проследени до повисоките надлежни органи за понатамошно разгледување и решавање.
Објавената документација сега отвора нови прашања за начинот на кој банката ги проценувала ризиците, ги контролирала своите клиенти и постапувала по внатрешните предупредувања во текот на годините.







