Жерар Пике јавно реагираше на одлуката на Дисциплинската комисија на Шпанската фудбалска федерација да му изрече суспензија од 12 натпревари на голманот на Андора, Хесус Овоно, по трагичниот инцидент на натпреварот против Тенерифе, во кој животот го загуби напаѓачот Хесус де Мигел.
Пике, кој е мнозински сопственик на клубот Андора, објави подолго видеообраќање на социјалната мрежа ТикТок, во кое ја оспори висината на казната. Според него, максималната санкција предвидена со членот 102 од Дисциплинскиот правилник е неправедна, бидејќи, како што смета, треба да се оценува конкретниот потег на теренот, а не трагичните последици од несреќата, за кои голманот немал намера.
Во своето обраќање, поранешниот фудбалер на Барселона нагласи дека суспензијата од 12 натпревари нема да ја промени загубата што ја доживеало семејството на починатиот фудбалер.
„Сите ја примивме веста за суспензијата од 12 натпревари што Натпреварувачкиот комитет му ја изрече на Хесус Овоно. Да бидам јасен: на Хесус ќе му бидат потребни повеќе од 12 натпревари за повторно да биде достапен и да може да се натпреварува. Ниту една суспензија нема да го врати Деми“, порача Пике.
Тој истакна дека бил импресиониран од поддршката и сочувството што ги покажале соиграчите на починатиот фудбалер и неговото семејство. Според него, празнината што ја оставил Де Мигел е огромна, а настанот имал силно влијание врз фудбалската јавност во Шпанија и пошироко.
Пике додаде дека многу фудбалери, поранешни играчи, тренери и голмани го опишале настанот како несреќен случај. Токму затоа смета дека изрекувањето на највисоката казна на Овоно не е соодветно.
„Навистина верувам дека изрекувањето максимална казна за оваа постапка го става Хесус во ситуација што не ја заслужува, бидејќи тој не е виновен за сето она што произлезе од овој настан. Мојот став е дека суспензијата го прави голманот одговорен за последиците за кои, според мене, не сноси вина“, објасни Пике.
Како пример ја посочи ситуацијата од истиот викенд на стадионот на Албасете, кога Корпас, фудбалер на домашниот тим, се обидел да ја освои топката, но притоа го погодил во главата Квадри од Сабадел. За среќа, во тој случај немало фатални последици, а Натпреварувачкиот комитет му изрекол суспензија од три натпревари на Корпас.
Пике преку овој пример го постави прашањето дали при дисциплинското казнување треба да се земе предвид самата акција или последиците што настанале по неа.
Тој откри и дека трагичниот настан го погодил на лично ниво, бидејќи се наоѓал на Тенерифе кога се случила несреќата. Кога влегол во соблекувалната и ја видел реакцијата на фудбалерите на Андора, сфатил дека станува збор за нешто што ќе остави трајна последица врз сите нив.
Пике се потсети и на сопствената несреќа со Виктор Валдес
Како дополнителна причина за својот став, Пике го посочи и сопственото искуство од 2012 година, кога во полуфиналето на Лигата на шампионите меѓу Барселона и Челси имал сериозен судир со тогашниот голман на каталонскиот клуб, Виктор Валдес.
Тој објасни дека во таа ситуација двајцата се движеле со голема брзина од спротивни правци, обидувајќи се први да стигнат до топката, по што дошло до судир. Пике го извлекол подебелиот крај, добил удар во главата и, иако се обидел да продолжи со играта, бил заменет бидејќи не бил во состојба нормално да функционира.
„Бев дезориентиран и не се сеќавам на ништо сè додека не се разбудив во болница. Последиците можеа да бидат многу посериозни. Извесно време бев во несвест и морав да бидам хоспитализиран. Иако мојот голман беше тој што го предизвика судирот, тоа воопшто не го прави виновен. Дури и да се случеше нешто полошо, тој немаше да биде виновен“, раскажа Пике.
Според него, ситуацијата на натпреварот меѓу Андора и Тенерифе била многу слична. Станувало збор за голман и фудбалер кои се обидувале први да стигнат до топката, но се судриле со голема брзина.
Пике смета дека во вакви ситуации луѓето често бараат некого кого ќе го обвинат, бидејќи тешко им е да прифатат дека може да се случи трагичен настан без некој намерно да го предизвика.
„Тоа беше несреќен случај. Мислам дека изрекувањето максимална казна за Хесус го става во неправедна ситуација, бидејќи тој не е одговорен за она што се случи“, заклучи Пике.










