Околу 1,7 милиони домаќинства во Обединетото Кралство планираат воопшто да не го вклучуваат греењето оваа зима поради страв од високите сметки за енергија, покажува најновото истражување на агенцијата „Опиниум“, спроведено за платформата „Јусвич“.
Според резултатите, 5,7 проценти од домаќинствата не планираат да користат греење, додека дури 52 проценти, односно повеќе од 15 милиони домаќинства, стравуваат дека зимава ќе им биде студено.
Околу 40 проценти од испитаниците изјавиле дека ќе го вклучуваат греењето само кога температурата во домот ќе стане премногу ниска.
Речиси 29 проценти планираат да загреваат само одредени простории, додека 18 проценти ќе започнат со греење подоцна отколку минатата година.
Причината за загриженоста е новото зголемување на цените на енергијата.
Од 1 октомври, горната граница на цените што ја определува британскиот енергетски регулатор „Офгем“ е зголемена за четири проценти.
Дополнително, прогнозите укажуваат дека годишните сметки за енергија би можеле да пораснат за речиси 300 фунти од јануари.
Меѓу домаќинствата што планираат да останат без греење, 37 проценти наведуваат дека тоа го прават за да заштедат пари, додека 28 проценти признаваат дека трошоците станале превисоки за нивниот буџет.
Дел од граѓаните планираат да се загреваат со подебела облека, топли прекривки и термофори, додека други ќе користат преносни греалки и печки на дрва.
Претставникот на „Јусвич“, Бен Галици, предупреди дека е загрижувачки што толку многу домаќинства веќе одлучиле да не користат греење, иако најстудениот период од годината сè уште не започнал.
„Никој не треба да трпи студ поради страв од сметките за енергија“, порача тој.
Експертите препорачуваат температурата во просториите да се одржува на најмалку 18 степени, а за почувствителните категории, како постарите лица и бебињата, се препорачуваат повисоки температури.
Истражувањето било спроведено од 22 до 25 септември, на примерок од 2.000 возрасни лица во Обединетото Кралство.







