И покрај официјалната забрана од властите, стотици илјади луѓе се собраа во Будимпешта за 30-годишнината од Парадата на гордоста, претворајќи го настанот во симбол на отпор против се поавторитарната власт на Виктор Орбан.
Настанот привлече поддржувачи од целиот свет, европратеници, меѓународни активисти и голем број „први учесници“, кои порано биле индиферентни или дури и против ЛГБТК+ маршот, но годинава решиле да станат дел од борбата за граѓански права.
Климаската активистка Грета Тунберг, присутна на парадата, остро го критикуваше Орбан и го нарече обидот за забрана „фашистички напад врз слободата“. Преку видео на Инстаграм, таа порача дека љубовта и протестот од Будимпешта се посилни од стравот и заканите.
Властите ја забранија парадата со повикување на закон наводно за „заштита на децата“, но активистите и правниците го нарекоа тоа политичка алатка за замолчување на слободата на изразување пред изборите во 2026 година. Полицијата дури најави користење на системи за препознавање лица и можни кривични санкции за организаторите и учесниците.
Сепак, настанот доби поддршка од 30 амбасади и бројни граѓански организации, додека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, повика на укинување на забраната.
Градоначалникот на Будимпешта, Карачоњ, иако се соочи со одбивање од државата, изјави дека не се плаши од закани со затвор – напротив, тоа само ја зајакнува неговата позиција.