Белорускиот претседател Александар Лукашенко денеска категорично демантираше дека неговата земја има врска со беспилотните летала што влегуваат во воздушниот простор на Полска и Литванија.
– Белорусија нема никаква врска со тие дронови. Ако ние реагиравме како што реагираат тие, по секој инцидент ќе кукавме. Но ние тоа никогаш не сме го направиле – изјави Лукашенко, пренесува државната агенција Белта.
Тој нагласи дека белоруската воздушна одбрана веќе соборила дел од дроновите кои летале кон Полска, иако тие не претставувале закана за Минск. – Потрошивме огромни суми пари за да ги уништиме тие беспилотни летала. И веднаш ја информиравме Полска за тоа, но наместо благодарност, тие креваат врева – додаде Лукашенко.
Минатата недела тој исто така потврди дека неколку дронови биле соборени од белоруската армија, а полската страна навремено добила информација за нивната насока.
Од друга страна, Полска пријави најмалку 19 неовластени упади на руски дронови на своја територија и побара активирање на Член 4 од Северноатлантскиот договор, по што НАТО започна консултации за безбедноста на источните граници на Алијансата.
Лукашенко порача дека Белорусија не сака војна ниту затворање на границите, но предупреди дека ќе мора да реагира „кога ќе биде ставена пред свршен чин“.