Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека само во септември Русија извршила масовни воздушни напади врз неговата земја, користејќи повеќе од 3.500 дронови и речиси 190 ракети.
Преку социјалната мрежа Х (поранешен Твитер), Зеленски предупреди дека овие напади претставуваат форма на „воздушен терор“, чија цел е да го измачува украинското население и да ја ослабне одбраната на државата.
Тој додаде дека покрај нападите врз Украина, евидентирани се и провокации насочени кон партнерите на Киев.
– Затоа повикуваме на заедничка одбрана, за да се спречи која било земја во иднина да мора да испраќа борбени авиони и да го чувствува истиот притисок од Русија на своите граници – изјави Зеленски, пренесува Ројтерс.