Воздушниот сообраќај на аеродромот во Луксембург повторно е воспоставен, откако летовите синоќа беа привремено прекинати поради забележани „неовластени системи на беспилотни летала“, односно дронови, во близина и над аеродромот.
Од единствениот меѓународен аеродром во Луксембург соопштија дека прекинот на сообраќајот во петокот бил воведен како превентивна безбедносна мерка. Целта била да се заштитат патниците, екипажите, вработените на аеродромот и авионите од потенцијален ризик.
Засега нема официјални информации за тоа од каде потекнувале дроновите, ниту пак е познато кој управувал со нив.
Иако летовите повторно се реализираат, од аеродромот предупредуваат дека патниците и понатаму може да се соочат со доцнења и нарушувања на редовниот распоред. Авиокомпаниите и партнерите на аеродромот работат на постепено нормализирање на воздушниот сообраќај по прекинот.
Аеродромот во Луксембург, кој претставува главно воздушно сообраќајно јазло на националниот авиопревозник „Луксер“, продолжува внимателно да ја следи состојбата и да соработува со надлежните институции.










