Најмалку три лица загинаа, а шестмина се повредени во новите руски напади врз украинскиот град Краматорск, соопшти гувернерот на Доњецката област, Вадим Филашкин.
Според украинските власти, врз градот биле извршени два одделни напада. Притоа биле погодени депо за возила и повеќекатна станбена зграда, при што настанала значителна материјална штета. Краматорск се смета за една од клучните стратешки точки во Доњецката област и често е цел на руски напади.
Претходно, локалните власти информираа дека во нападите загинала една жена, а бил повреден тинејџер. Во изминатите 24 часа, според украинските институции, во Доњецката област загинале уште две лица, а четворица биле повредени.
Напади беа регистрирани и во Запорожје, каде што руските сили погодиле објект од критичната инфраструктура. Во нападот се повредени двајца мажи на возраст од 50 и 60 години, на кои им е укажана медицинска помош.
Во меѓувреме, украинската приватна енергетска компанија ДТЕК соопшти дека нејзини енергетски капацитети во Днепропетровската област претрпеле сериозни оштетувања по континуирани напади со беспилотни летала и артилерија. На дел од објектите избувнале пожари, а некои биле погодени повеќепати.
Нападите се случуваат во период кога борбите на истокот и југот на Украина продолжуваат со силен интензитет, додека украинските власти предупредуваат дека руските сили сè почесто ги гаѓаат урбаните средини и објектите од критично значење.









