Од јули 2025 година, Естонија ќе стане првата европска земја која целосно ги укинува физичките лични документи, откако ќе воведе официјално дигитално потврдување на идентитетот преку мобилната апликација „Eesti.ee“.
Оваа иновација, објавена од Министерството за правда и дигитални технологии, претставува револуционерен чекор кон целосна дигитализација на државните услуги, што ќе им овозможи на граѓаните да го потврдуваат својот идентитет само со мобилен телефон, без потреба од лична карта или пасош.
Како ќе функционира новиот систем?
Преку апликацијата, корисникот ќе се најавува со Mobile-ID или Smart-ID, и ќе генерира QR-код што важи 3 минути. Трговецот или институцијата го скенира овој код преку своја верзија на апликацијата, по што на екранот се прикажуваат основни податоци за идентитетот, но само 30 секунди – доволно за потврда, без злоупотреба.
Дополнително, во апликацијата ќе има и бар-код што може да се користи како дигитален личен документ, достапен за скенирање на уреди што препознаваат лични броеви.
Доброволно, но практично
Министерката Лииза Пакоста истакна дека оваа функционалност е доброволна – и за граѓаните и за компаниите – но посочи дека очекуваат многу од нив брзо да ја прифатат, бидејќи телефонот денес е секогаш при рака, за разлика од физичките документи.
„Ова не е само технолошки напредок, туку и одговор на современите навики – особено на младите кои речиси никогаш не носат документи со себе“, рече Пакоста.
Повеќе од лична карта – апликација за цел живот
„Eesti.ee“ веќе нуди над 50 државни услуги – пристап до рецепти, поднесување барања, проверка на податоци за деца, адреси, државна пошта, па дури и можност за аплицирање за брак.
Апликацијата е достапна на естонски и англиски, и користи највисоко ниво на дигитална безбедност преку државната платформа „X-tee“.
Оваа промена ќе ја постави Естонија на светската мапа како лидер во дигиталното управување со идентитет – модел што, според експертите, наскоро ќе го следат и други земји.