Мистериозна група луѓе повторно е забележана како излегува од канализацискиот систем на Менхетен, по што случајот го привлече вниманието на њујоршката полиција.
Според информациите што ги пренесува „Њујорк пост“, пет лица, најверојатно една жена и четворица мажи, биле забележани како излегуваат од подземјето во раните утрински часови.
На фотографиите објавени од полицијата се гледа дека носеле челни светилки, лопати и работни ракавици. По излегувањето од канализацијата, групата влегла во црвена лимузина во која ги чекала жена, по што заминале во непознат правец.
Засега никој не е уапсен, а истрагата е во тек.
Ова не е прв ваков случај во Њујорк. Во изминатите неколку месеци биле регистрирани повеќе слични инциденти, поради што мистериозните посетители на подземјето во медиумите го добиле прекарот „луѓе кртови“.
Во септември биле уапсени две лица поради наводно неовластено влегување во канализацискиот систем.
Еден од нив, државјанин на Венецуела, им објаснил на истражителите дека се спуштил под земја во потрага по вредни предмети што завршуваат во одводите.
Експертите, сепак, посочуваат дека веројатноста во канализацискиот систем да се пронајдат скапоцености како злато и сребро е многу мала.
Идентитетот на последната забележана група, како и причините за нивното присуство во подземјето, остануваат непознати.








