Расправија преку телефонска апликација му претходела на убиството на 38-годишниот Един Шкријељ, чие тело беше пронајдено на скопската обиколница, во близина на Смилковското Езеро.
Основното јавно обвинителство Скопје откри нови детали за трагичниот настан што се случил на 21 ноември.
Според досегашните сознанија од истрагата, меѓу осомничениот и Шкријељ најпрво дошло до вербална расправија преку телефонска апликација, која продолжила и при нивната средба.
Конфликтот ескалирал, а според сомневањата на Обвинителството, 38-годишниот осомничен пукал кон Шкријељ, нанесувајќи му повреда со смртен исход.
Шкријељ починал на местото на настанот поради обилна загуба на крв.
По преземените полициски мерки, осомничениот бил лоциран и приведен, а Основното јавно обвинителство Скопје донело наредба за спроведување истражна постапка за кривично дело убиство.
Надлежниот јавен обвинител побарал и определување мерка притвор за осомничениот.
Истрагата продолжува со цел целосно расветлување на околностите и мотивите за убиството.








