ПРВ.мк
Македонија

ВАЖНА ОДЛУКА ЗА ВРАБОТЕНИТЕ ВО КУЛТУРАТА: Што ќе се случува со нивните плати од 1 април?

ВАЖНА ОДЛУКА ЗА ВРАБОТЕНИТЕ ВО КУЛТУРАТА: Што ќе се случува со нивните плати од 1 април?

Уставниот суд донесе одлука за укинување на членот 78-љ од Законот за култура, како и на Колективниот договор за вработените во културата во целина.

Одлуката ќе произведе правно дејство од 1 април 2027 година, со што на надлежните институции и синдикатите им се остава простор за постигнување ново, законски издржано решение за пресметување на платите.

Според оценката на уставните судии, постојниот Закон за култура не содржи соодветна методологија за утврдување на платите, која треба да биде дефинирана со закон, а дополнително разработена преку колективен договор.

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, објасни дека правното дејство на одлуката е одложено поради последиците што би ги предизвикало нејзиното непосредно стапување во сила.

Тој изрази разбирање за незадоволството на културните работници, нагласувајќи дека обврската на Судот е да го штити уставниот поредок, без оглед на популарноста на неговите одлуки.

Во претстојниот период Министерството за култура и синдикатите ќе треба да работат на усогласување нов колективен договор, додека Собранието ќе треба да ги донесе потребните законски измени.

Судијата известител Татјана Васиќ-Бозаџиева посочи дека новото законско решение треба да содржи јасно утврдена методологија за пресметување на платите, степени на сложеност на работните места и соодветни коефициенти.

Колективниот договор за вработените во културата се применува од 2020 година, а постапката за оценување на неговата уставност била поведена на 8 април годинава.