Кина погубила тројца мажи осудени за тешки сексуални и други кривични дела врз деца, откако највисокиот суд во земјата ги потврдил нивните смртни пресуди.
Погубувањата биле извршени на 16 мај 2025 година, а кинеските државни медиуми ги објавиле само презимињата на осудените – Жао, Ванг и Чен.
Според објавените информации, Жао раководел со нерегистриран интернат во кој десетици ученици биле физички малтретирани, затворани и принудувани на работа. Во случајот било утврдено и сексуално насилство врз осум девојчиња.
Ванг, пак, речиси три години преку социјалните мрежи лажно се претставувал како директор за кастинг кој бара деца актери. На тој начин воспоставил контакт со девет деца, од кои седум биле помлади од 14 години.
Третиот осуденик, Чен, и претходно бил осудуван за сексуално насилство. Според информациите од случајот, тој успеал да се приклучи во повеќе од 20 ученички групи за комуникација, претставувајќи се како ученик.
Кинеските власти, објавувајќи ги случаите, порачаа дека строгите казни ја демонстрираат нивната политика на „нулта толеранција“ кон ваквите кривични дела.
Точниот број на погубувања во Кина не е јавно достапен бидејќи податоците се третираат како државна тајна. Amnesty International со години проценува дека во земјата се извршуваат илјадници егзекуции годишно, поради што Кина се смета за држава со најголем број погубувања во светот.
За споредба, во САД Врховниот суд во 2008 година пресуди дека смртна казна не може да се изрече за силување дете кога жртвата преживеала. Во поново време, сојузни држави како Флорида и Тенеси усвоија закони со кои се обидуваат повторно да го отворат ова правно прашање.







