Европските авиокомпании и аеродроми побараа од Европската комисија привремено да ги суспендира новите биометриски проверки на границите на Европската Унија во текот на летната сезона, предупредувајќи дека системот предизвикува огромни гужви, повеќечасовни чекања и сериозни нарушувања во воздушниот сообраќај.
Во заедничко писмо испратено до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, водечките европски здруженија на аеродроми и авиокомпании посочуваат дека ситуацијата станува сè посериозна. Според нив, патниците на поединечни аеродроми чекаат и до пет часа за да ја поминат граничната контрола, додека некои авиони полетуваат со празни седишта затоа што патниците не успеваат навреме да стигнат до излезите за качување.
Од индустријата предупредуваат дека капацитетите на граничните служби не можат да го издржат огромниот број патници во екот на летната сезона. Поради тоа, тие бараат аеродромите да добијат можност привремено да ги прекинат биометриските проверки во јули и август секогаш кога бројот на патници ќе го надмине капацитетот за обработка.
Новиот систем, кој постепено се воведува од октомври, предвидува државјаните од земјите што не се членки на Европската Унија при влез да остават отпечатоци од прсти и да бидат фотографирани. Иако целта е подобра безбедност и поефикасна контрола на границите, неговата примена веќе предизвикува долги редици и значителни доцнења на повеќе европски аеродроми.
Во меѓувреме, дел од земјите веќе презедоа привремени мерки. Според медиумските извештаи, Грција ги суспендирала биометриските проверки за британските патници до септември за да го намали метежот во текот на туристичката сезона, додека француските власти привремено ги ублажиле дополнителните проверки во пристаништето Довер.
Авиокомпаниите предупредуваат дека ваквите проблеми можат да влијаат врз одлуката на дел од туристите да ја избегнат Европа како дестинација, што би имало негативни последици врз туризмот, воздушниот сообраќај и економијата.
Со оглед дека европските аеродроми очекуваат околу 40 милиони повеќе патници во јули и август во споредба со претходните два месеци, секторот бара Европската комисија што поскоро да донесе решение за да се избегне уште поголем хаос во екот на летната сезона.






